Повеќе од 50 држави членки на Обединетите нации ја повикаа Русија да се согласи на целосен, итен и безусловен прекин на огнот и да започне суштински мировни преговори за ставање крај на војната во Украина.
Заедничката декларација беше објавена од страна на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во документот се изразува „длабока загриженост“ поради ескалацијата на руските напади врз цивилното население и критичната инфраструктура во Украина, кои доведоа до рекорден број жртви во изминатите месеци. Потписниците бараат целосно почитување на меѓународното хуманитарно право, одговорност за сторените злосторства и заштита на цивилите.
Државите ја повикаа Москва веднаш, безбедно и безусловно да ги врати сите незаконски депортирани цивили, вклучително и децата, како и сите воени заробеници и интернирани лица.
Во декларацијата посебно е истакната загриженоста поради руските напади во Црно Море, со кои се попречува извозот на украинско жито и се загрозува глобалната прехранбена безбедност.
Во документот се потсетува дека Украина уште од март 2025 година се согласила на целосен и безусловен прекин на огнот, па Русија е повикана да го направи истиот чекор за да се овозможи дипломатски процес што ќе води кон сеопфатен, праведен и траен мир, заснован врз принципите на Повелбата на ОН.
Покрај повеќето европски земји, меѓу потписничките на декларацијата се и Австралија, Канада, Костарика, Хондурас, Израел, Јапонија, Нов Зеланд, Панама и Јужна Кореја.


