Зеленски во ОН: Украинците не ја избраа војната, продолжува отпорот против агресорот

Објавено:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, повикувајќи на продолжување на меѓународната поддршка и нагласувајќи дека Украинците ќе продолжат да се спротивставуваат на Русија.

Тој истакна дека сите летни руски офанзиви пропаднале, а најави и остри противмерки доколку Москва продолжи со нападите врз украинскиот енергетски систем пред претстојната зима.

„Украинците не ја избраа оваа војна. Ние избираме да не умреме, да не ја изгубиме нашата земја, нашите семејства, да не ги изгубиме нашата независност и слобода“, рече Зеленски во своето обраќање.

Тој истакна дека, додека Москва продолжува со воените дејства, нејзиниот буџетски дефицит е поголем од кога било досега, а повеќето руски региони се наоѓаат пред банкрот.

„Сите главни руски операции на фронтот ова лето беа неуспешни, а Украина веќе има капацитет да гаѓа воени фабрики длабоко на руска територија, дури и во Сибир“, истакна Зеленски.

Тој нагласи дека ниту еден руски функционер никогаш не замислувал дека „генерал Зима“, кој со векови се борел на страната на Русија, еден ден ќе ја смени страната и ќе ги поддржи оние што се бранат од Русија. Тоа ќе го направиме оваа зима доколку Русија продолжи да го напаѓа нашиот енергетски систем и нашето греење – предупреди украинскиот претседател.

Зеленски го опиша рускиот претседател Владимир Путин како „нулта пациент“ кој ја започнал агресијата, додавајќи дека колку подолго тој е во можност да води војна, толку повеќе зло ќе остави зад себе.