Романскиот претседател, Никушор Дан, денеска, во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека заканата што ја претставува Руската Федерација ја надминува Украина и дека Европа се соочува со хибридно војување, вклучувајќи кибер-напади, кампањи за дезинформации и саботажи на клучната инфраструктура.
Тој оцени и дека Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, „намерно се откажа“ од својата основна обврска за зачувување на меѓународниот мир и безбедност и дека следи „ревизионистичка агенда“.
Дан рече дека светот се наоѓа во петтата година од „илегалната, со ништо предизвикана и неоправдана агресивна војна“ од големи размери против Украина, што ја води Русија, наведувајќи дека Романија директно ги чувствува последиците од судирот поради постојаните повреди на нејзиниот воздушен простор.
Тој потсети дека пред неколку месеци руски дрон се урна врз станбен објект на територијата на Романија, при што беа повредени луѓе и беше причинета материјална штета, оценувајќи дека тоа бил еден во низата слични инциденти.
„Романија ќе биде со Украина и нејзиниот народ кој дејствува во легитимна самоодбрана, колку што ќе биде потребно“, рече Дан.
Тој наведе дека Романија, заедно со Бугарија и Турција, учествува во оперативната група за мерки против мини во Црното Море, чија цел е откривање и отстранување на мините и заштита на клучната подводна инфраструктура.
Дан оцени дека заканата од Русија не се ограничува само на Украина и дека Европа е мета на хибридна војна која, како што рече, опфаќа кибер-напади, кампањи за дезинформации, саботажи и попречување на работата на клучната инфраструктура, со цел подривање на довербата на граѓаните во демократските институции и одвраќање од поддршката за Украина.


