Во струмичко откриена нелегална плантажа на канабис, приведени две лица

Објавено:

СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица поднела кривична пријава против двајца жители на општина Ново Село, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

Како што информираат од МВР, по претходен меѓусебен договор, во скриен дел од парцела во атарот на село Секирник, струмичко, пријавените ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла од растението канабис.

Врз основа на судска наредба, биле обезбедени докази за поврзаност на пријавените во одгледувањето на засадените стебла канабис, по што биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица.

Во службен разговор тие признале дека, откако обезбедиле семе од растението канабис, ја обработиле почвата и направиле нелегална „плантажа“ на која во мај 2026 година ги засадиле семињата и ги одгледувале растенијата со цел производство на марихуана, велат од Министерството.

Како што посочуваат од МВР, од пријавените се одземени повеќе стебла со различна висина и вкупна тежина од околу 680 килограми.