Двајца од осомничените за шверцот на петте тона марихуана од Македонија во Србија признале вина и се спогодиле со Обвинителството, при што едниот добил затворска казна од три години и шест месеци, а вториот добил два месеци повеќе, информираше Обвинителството за гонење на органозиран криминал и корупција.
„Во постапката што се води пред ОЈО ГОКК, на 10 август 2026 година Основниот кривичен суд Скопје донесе две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со двајца осомничени. Со спогодбите осомничените признаа дека го сториле кривичното дело што им се става на товар. Притоа им се изречени казни затвор во траење од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци“, соопшти Обвинителството.
Акцијата се случи кон крајот на јануари, кога српската полиција откри и заплени пратка од 5 тони марихуана, која стигнала од Македонија. Меѓу уапсените беше и Иван Драгниќ, српски државјанин и косопственик на фирма во Македонија за одгледување на медицински канабис, со уште тројца Срби.
Станува збор за фирмата „Алфафарм“, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Компанијата, е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) тогаш отвори истрага за шест лица, од кои двајца признаа вина, поврзани со заплените на марихуана во Северна Македонија и Србија.
Тие се осомничени за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.
Обвинителството има уште седум нови осомничени во овој случај.
„Досегашниот тек на истрагата, што од февруари годинава се води во ОЈО ГОКК за организиран транспорт на наркотична дрога марихуана од РСМакедонија во РСрбија, укажува на поширок круг лица инволвирани во организираната криминална активност. Обезбедените докази што произлегуваат од преземените истражни дејствија и меѓународната соработка со надлежните органи на РСрбија, резултираа со донесување нова Наредба за спроведување истражна постапка против уште седум лица. Седуммината се осомничени дека како припадници на организираната криминална група го сториле истото кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.



