Директорката на албанската разузнавачка служба „Шиш“, Влора Хисени, била уапсена на граничниот премин Врбница и спроведена од полицијата во Тирана, откако судот ѝ одредил куќен притвор и суспензија од должноста.
Албанскиот премиер Еди Рама ја разреши Хисени од функцијата по одлуката на Специјалниот суд за мерки против неа.
Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал СПАК објави дека Влора Хисени е осомничена за помагање на сторител на кривично дело и откривање државни тајни, како дел од истрагата поврзана со случајот АКШИ.
Хисени претходно ја изгради својата кариера во Косовската разузнавачка агенција, каде што беше заменик-директорка од 2019 година.
Таа стана шеф на албанската разузнавачка служба во 2023 година на предлог на Еди Рама, а одлуката потоа беше потврдена со декрет на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Истрагата против Хисени е дел од поширока афера поврзана со АКШИ, Националната агенција за информатичко општество на Албанија, во која СПАК истражува наводни злоупотреби и протекување доверливи податоци.


