Калас: Време е за исчекор во односите меѓу Белград и Приштина

Објавено:

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на својот официјален профил на „Икс“ укажа на потребата од напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

Оваа порака доаѓа по нејзините одделни средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, одржани во Њујорк на 22 септември.

„Напредокот во нормализацијата на односите и напредокот на патот кон ЕУ мора да одат рака под рака. Договорите постигнати во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ, особено Охридскиот договор, се обврзувачки“, истакна Калас, потсетувајќи на Договорот за патот кон нормализација на односите од 2023 година, во јавноста познат и како Охридски договор.

„Неговото спроведување не е услуга спрема Брисел, туку обврска кон граѓаните и регионот што очекува нормални односи. ЕУ и понатаму ќе биде непристрасен посредник. Но, посредувањето не може да ја замени политичката волја во Белград и Приштина. Време е за исчекор“, подвлече Калас.