Уставниот суд не поведе постапка за Изборниот законик, Левица со остра реакција

Објавено:

Уставниот суд денеска не поведе постапка за оценување оспорени одредби од Изборниот законик, а укина повеќе одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, со одложено дејство до 1 јануари 2027 година, соопшти претседателот на судот Дарко Костадиновски по денешната седница.

Во однос на Изборниот законик, тој рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа бидејќи истите одредби биле предмет на уставно-судска оцена и во минатото.

„Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа“, истакна Костадиновски. 

Тој лично сметал оти оспорените одредби од Изборниот законик се неуставни и дека создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, но мнозинството судии останале на претходно заземениот став дека за ова прашање веќе е одлучувано.

Костадиновски потсети дека уште пред три години издвоил мислење во кое навел дека спорните одредби ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.

„По мое длабоко убедување, овие законски решенија не создаваат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка. Плурализмот не завршува со денот на изборите. Тој подразбира еднакви услови за сите политички субјекти што учествуваат во демократскиот натпревар“, појасни претседателот на судот.

Како спорен го оцени и критериумот според кој се распределуваат буџетските средства за финансирање на политичките партии врз основа на резултатите од претходните избори.

По ова експресно реагираа од Левица.

„Толку од „чуварот на Уставот“. Уставниот суд денес одлучи да не поведе постапка по иницијативата на Левица против одредбите од Изборниот законик со кои на Левица ѝ беше оневозможен пристапот до платено политичко рекламирање. Со мнозинство гласови, Судот одлучи дека нема што да разгледува, повикувајќи се на тоа дека за ова прашање веќе било одлучувано. Неколкумина судии имаат издвоено спротивни мислења. Откако Гоце Наумовски си замина од функцијата уставен судија, на неговото место владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ ја инсталираше Мери Дика Георгиевска. Истата Мери Дика Георгиевска која ДПМНЕ во опозиција ја напаѓаше како дел од компромитираното правосудство и ја поврзуваше со случајот „Рекет“, по доаѓањето на власт стана прифатлив кадар за највисоката институција на уставно-судската власт. Денес, токму во таков состав, Уставниот суд одлучува да не ја испита евидентната дискриминацијата врз парламентарна партија“, се вели во соопштението од Левица.