Преку организиран систем за шверц на големи количини цигари било избегнато плаќање на давачи кон државата од над 6 милиони евра, соопшти Царинската управа.
Во оваа шема се вмешани шпедиции, транспортни и увозни компании, физички лица, но и полициски и царински службеници. Засега, вкупно опфатени се вкупно три форми и 18 лица од кои тројца полицајци и четворица цариници.
Деталите за операцијата со кодно име „Филтер“ ги соопштија од Царинската управа која била дел од опсежната истрага во која учествувале и структури од Бирото за јавна безбедност при МВР, а во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Станува збор за седум откриени случаи на шверц во кои вкупната количина на нелегално внесена стока изнесува 69.350.000 парчиња цигари. Тие нелегално биле пуштени во слободен промет во државата.
„За шверцот со цигари до сега само се шепотело во кулоарите, но никогаш и од никого не се преземале конкретни мерки и чекори. Царинската управа денеска покажа како се бранат државните интереси“, рече директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Како функционирала шемата на шверц?
Според деталите што се утврдени во рамки на истрагата, во три од седумте случаи, шлепери натоварени со цигари влегувале во Македонија од Грција преку граничниот премин „Богородица“. Тие завршувале во транзитна постапка, но наместо транзитот да биде реализиран согласно процедурите, цигарите биле нелегално истоварени во државата. Потоа, шлеперите ја напуштале Македонија преку „Табановце“ и празни влегувале во Србија додека транзитните постапки биле раздолжувани како шлеперите да ја напуштиле земјата полни со цигари.
Од тие причини, поддршка во акцијата дале и царинските управи на Грција и Србја.
Останатите четири случаи на шверц, пак, како што покажала истрагата биле направени така што шлеперите полни со цигари влегувале преку „Богородица“, но нивниот влез во Македонија не бил евидентиран ниту од цариниците ниту од полицајците.
„Цигарите потоа биле истоварени на територијата на Македонија, без соодветно документирање на стоката или ставање во соодветна царинска постапка, како и без плаќање на законски утврдените давачки“, велат од Царинската управа.
За осомничените поднесени се кривични пријави што опфаќаат низа кривични дела: криумчарење, царинска измама, несовесно работење во служба, злоупотреба на службената положба и овластувања, компјутерска измама и избегнување на плаќање акциза.
Во рамки на акцијата денеска (24 август) во утринските часови извршен е претрес на 23 локации. Од осомничените, пак, досега приведени се вкупно 13 лица. Меѓу нив и четворицата цариници, како и двајца од полицајците, двајца возачи и пет други лица.
Од Царинската управа велат оти согласно досегашните сознанија, се очекува бројот на лица опфатени со истрагата да се зголемува.


