Во руски ракетен напад врз украинската престолнина Киев синоќа загина најмалку едно лице, а десетмина беа повредени, меѓу кои и студенти во студентски дом, соопштија официјални лица.
Во нападот, кој се случил во доцните вечерни часови, биле погодени образовна установа, станбени објекти, метро-станица и медицински установи, пренесува Ројтерс.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм објави дека едно лице загинало во близина на супермаркет. Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека телото било пронајдено покрај тешко оштетена станбена зграда.
Кличко информира дека во нападот биле повредени десет лица, од кои многумина се наоѓале пред студентскиот дом на Државниот универзитет за трговија и економија, на источниот брег на реката Днепар. Деветмина повредени биле пренесени во болница, а тројца се во тешка состојба.
Претседателот Володимир Зеленски, исто така, во објава на Телеграм соопшти дека сè уште нема точни податоци за бројот на загинатите и повредените.
„Засега не е познат точниот број на луѓе. Но, за жал, има загинати и повредени. Спасувачките операции се во тек“, напиша Зеленски.
Тој повторно повика да се отстранат доцнењата во обезбедувањето противвоздушно оружје, за да може што побрзо да се одговори на руските воздушни напади. Претходно, Зеленски изјави дека Украина чека одобрение од американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за испорака на клучни ракети.
Кличко соопшти дека во две медицински установи од експлозиите биле искршени прозорците. Додаде дека биле повредени и двајца припадници на итната медицинска служба кои брзале кон местото на еден од нападите.
Москва веќе долго време негира дека намерно гаѓа цивили.


