Избори во Израел, први по нападот на Хамас во 2023 година

Објавено:

Избирачките места во Израел беа отворени во 6 часот, а право на глас имаат речиси 7,5 милиони Израелци.

Првите избори по нападот на Хамас врз Израел и ескалацијата на Блискиот Исток ќе бидат и политички тест за премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Анкетите пред изборите укажуваат на неизвесна трка меѓу неговиот политички блок и опозицијата.

Безбедносните пропусти се една од главните забелешки на сметка на владејачката партија Ликуд.

Опозициската партија Јашар се надева дека ќе освои мнозинство од 120-те пратенички места во Кнесетот.

Инаку, израелската армија деновиве соопшти дека ќе воведе забрана за движење на Палестинците во окупираниот Западен Брег за време на парламентарните избори.

Покрај тоа, на палестинските работници им беше забрането да влегуваат во израелските населби во Западниот Брег и долината на Јордан, освен во индустриските зони и „ограничен број“ во други одобрени сектори.

Сите копнени премини меѓу Западниот Брег и Израел се затворени за Палестинците на денот на изборите.

Мерките доаѓаат во време на тековната израелска воена операција на Западниот Брег откако палестински напаѓачи убија двајца израелски војници и ранија уште тројца во петокот во близина на градот Хеброн. Двајцата Палестинци кои го извршија нападот исто така беа убиени.

Весникот „Хаарец“ објави дека во израелската разузнавачка агенција Мосад настанале тензии меѓу директорот Роман Гофман и високи функционери на службата поради неговата поддршка за плановите на премиерот Бенјамин Нетанјаху за напад врз Иран пред денешните избори.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера испрати уште едно писмо со поддршка до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред парламентарните избори во Израел.

„До народот на Израел, а особено до оние кои се уште не го виделе тоа, ја приложувам поддршката што му ја испратив на вашиот премиер, Биби Нетанјаху, пред една недела. Како што сите знаат, вклучително и непријателот, Биби и јас имавме одлична соработка и заедно извојувавме низа победи“, наведе Трамп во објава на социјалната мрежа Truth.

Како пример, Трамп го наведе нападот во Венецуела, велејќи дека тоа е една од најуспешните воени операции во историјата.