Шумски пожар кај Ново Село, загрозена црквата „Св.Петар и Павле“

Објавено:

Попладнево околу 16.30 часот изби шумски пожар во атарот на с. Бајково, општина Ново Село, на падините на планината Огражден.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДСЗ), Стојанче Ангелов, информира дека поради зголемена опасност од ширење на пожарот и опасност по црквата „Св. Петар и Павле“ во секој момент ќе полетаат два ер-трактори на ДЗС кои ќе им помогнат на струмичките пожарникари и на доброволците од доброволното противпожарно друштво „Рис“.

Во гасењето на пожарот е вклучено и локалното население, кое помага во заштита на црквата.

Македонија во 2025 година претрпела штета од околу 50,1 милион евра од шумските пожари, покажуваат податоците од Извештајот за работењето на ЈП „Национални шуми“ за ланската година. Според документот, во текот на годината биле евидентирани 178 шумски пожари, при што биле опожарени 17.631,71 хектари шума и шумско земјиште и изгореле 282.931 кубни метри дрвна маса.

Во 2024 година изгоре површина од 61.061 хектари во шумски пожари, при што е причинета штета од 5.111.962.381 денари (над 82 милиони евра), покажуваат податоците од „Национални шуми“. Истата година беа регистрирани 250 шумски пожари.

Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета од сите шумски пожари истата година беше проценета на 38 милиони евра.