Со владин авион, денеска од Турција во Скопје, е транспортиран македонски државјанин кој се повредил за време на одмор во Кушадаси.
Станува збор за пациент со повреда на ’рбетниот мозок што ја здобил при лизгање на тобоган во Турција.
Првично, на пациентот му била извршена операција во болницата во Кушадаси на 23 јули, каде лекарите го задржани на лекување додека да биде вратен во Македонија.
Веднаш по пристигнувањето во Скопје, тој е примен на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ.
„Пациентот е во здравствена состојба која бара интензивно лекување. Медицинската документација е разгледана, а хируршката интервенција извршена во Турција е оценета како соодветно и стручно спроведена. Повредите на ’рбетниот мозок се вбројуваат меѓу најсериозните повреди и бараат внимателно следење, мултидисциплинарен пристап и долготраен третман“, изјави директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски.
Мобилизацијата на службите за транспорт со владиниот авион, според тврдењето на лекарите, била направена поради сериозноста на повредата и потребата од брз и безбеден транспорт, што било нагласено и од турските лекари.
Со владиниот авион при транспортот со пациентот бил испратен и стручен тим од земјава што го предводена раководителката на КАРИЛ, докторката Марта Тренева.
Од Министерството за здравство велат дека во следниот период ќе бидат направени дополнителни испитувања на пациентот, по што ќе биде утврден натамошниот тек на лекувањето и рехабилитацијата. Во зависност од здравствената состојба, предвидена е и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.



