Спасувачка драма по земјотресот во Колумбија: Преживеал 4 дена затрупан под урнат хотел

Објавено:

Спасувачите денеска успеале да спасат човек жив затрупан под урнат хотел во големиот земјотрес во Колумбија во кој загинаа над 280 луѓе, а речиси 4.000 се повредени. Спасивачката драма се случувала во градот Переира, а преживеаниот маж бил затрупан цели четири дена, пренесоа светските новински агенции.

„Можно е да има (сè уште) живи луѓе, веруваме во тоа. Едно или две лица би можеле да бидат живи“, изјави спасувачот Џон Бедоја за телевизијата „Каракол“, на местото на настанот, каде што екипите за итни случаи газеа низ бетон, тули и свиткан метал.

Земјотресот со јачина од 7,4 степени се случи кратко по 7.30 часот наутро во понеделник, со епицентар во Сан Хозе дел Палмар, провинција Чоко. Урна станбени блокови и оштети домови, училишта и болници низ западна Колумбија, од пацифичкото пристаниште Буенавентура до градовите во внатрешноста како што се Кали и Переира.

Властите во петокот наутро соопштија дека 285 лица загинале, а речиси 4.000 се повредени. Речиси 400 други сè уште се водат како исчезнати. Владата соопшти дека десетици илјади домови се оштетени, многу од нив целосно уништени, што го нагласува обемот на катастрофата што остави многу Колумбијци да спијат во засолништа или надвор од несигурни згради.

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) предупреди во петок дека земјотресот може да доведе до ново раселување во земјата што веќе се бори со конфликти, миграција и други хуманитарни кризи.