Судот во Стразбур ја отфрли жалбата на Додик

Објавено:

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката за негово отстранување од функцијата претседател на Република Српска. Со ова конечно завршува неговата судска битка на меѓународен план, а во сила останува пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, пренесуваат босанските медиуми.

Додик, актуелен лидер на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), се обрати до Судот во Стразбур со тврдење дека во текот на кривичната постапка против него во Босна и Херцеговина биле прекршени неговите основни човекови права.

Со отфрлањето на жалбата, исцрпени се сите можности за жалба на меѓународен план со кои располагаше неговата одбрана. Одлуката доаѓа откако во април ЕСЧП веќе го отфрли барањето на неговиот адвокатски тим за привремена мерка со која требаше да се запре извршувањето на одлуките на босанските судови.

Со тоа пресудата на Судот на Босна и Херцеговина останува во сила.

Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска, како и на други јавни и политички функции во земјата. Подоцна тој ја замени затворската казна со соодветна парична глоба, согласно босанските закони.

По изрекувањето на пресудата, тој беше принуден да ја напушти функцијата претседател на ентитетот претежно населен со босански Срби. Пред да се обрати до Судот во Стразбур, неговата одбрана поднесе жалба и до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, но и таа беше отфрлена како неоснована.

Предметот против Додик беше отворен во врска со настаните од јули 2023 година во Бања Лука, кога тој го потпиша указот за влегување во сила на законите усвоени од Собранието на Република Српска, и покрај тоа што високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, веќе ги поништи тие акти.

Одлуката на ЕСЧП всушност го потврдува завршувањето на постапката против Додик и дава меѓународна потврда на исходот од процесот.