Иран соопшти дека ги прекинува воените операции против Израел.
Одлуката следи откако во текот на ноќта и утрово Израел и Иран изведоа повеќекратни напади што претставуваше најсериозната ескалација откако во април стапи во сила прекинот на огнот во војната меѓу САД и Израел против Иран.
Иран синоќа лансираше ракети кон Израел, како одговор на израелските напади врз либанскиот главен град Бејрут, поттикнувајќи го Израел рано утринава да нападне цели низ Иран, додека истовремено продолжија и иранските напади врз Израел, јавуваат светските агенции.
Ескалацијата на борбите означи сериозен удар врз напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја заврши војната.
Трамп денеска ги повика двете страни еднаш да престанат со нападите, откако наводно го замолил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не возвраќа по иранските напади.
Во нова објава на неговата платформа за социјални медиуми Truth Social, Трамп напиша дека двете страни, Израел и Иран, „се стремат кон итен прекин на огнот“.
Тој рече дека се во тек конечни мировни преговори со Техеран, но предупреди дека тие би можеле да бидат нарушени од „незнаење или глупост“.
Трамп додаде дека американската поморска блокада ќе остане на сила „додека не се постигне конечен договор“.
Само неколку часа подоцна, иранското воено раководство објави изненадувачки крај на операциите.
Исламската Република му даде „болен одговор“ на Израел во поддршката за Либан, се наведува во соопштението.
„Во овој контекст, со ова се објавува суспендирање на операциите на вооружените сили“, се додава во соопштението на иранското воено раководство.
Иако разговорите меѓу САД и Иран за ставање крај на војната на Блискиот Исток се чини дека стагнираат поради клучни прашања како што се повторното отворање на Ормускиот Теснец и нуклеарните амбиции на Техеран, иранските претставници тврдат дека конфликтот меѓу Израел и Либан е исто така централен за напорите за ставање крај на регионалната војна.


