Авганистан ризикува да изгуби до 20.000 наставнички и 5.400 здравствени работнички до 2030 година, бидејќи рестрикциите врз образованието на девојчињата и вработувањето на жените продолжуваат, покажува новиот извештај на Меѓународниот фонд за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ).
Извештајот „Цената на неактивноста во однос на образованието на девојчињата и учеството на жените во работната сила во Авганистан“ утврди дека учеството на жените во јавната администрација се намалило од 21 процент на 17,7 проценти во периодот меѓу 2023 и 2025 година.
Во него се предупредува дека намалувањето на бројот на обучени жени професионалци во училиштата и болниците ќе има разорни последици врз учењето на децата, здравствените исходи и нивните идни можности.
Рестрикциите врз образованието и работата на девојчињата и жените веќе ја чинат земјата 84 милиони американски долари годишно во изгубен економски аутпут. При тоа, загубите се зголемуваат со текот на времето додека тие остануваат исклучени од образованието и вработувањето.
Нов скок на суровата нафта, денеска над 103 долари за барел – КОЛЕГИУМ.мк
Извештајот објавен од УНИЦЕФ, предупредува дека отстранувањето на жените од наставата и здравствените услуги ,два сектора во кои им е дозволено да работат и каде што се критично потребни, директно им штети на децата, бидејќи ќе доведе до помал број девојчиња во училиштата и намалена грижа за жените и децата.
Влијанието е особено сериозно во здравството, каде општествениот контекст често спречува жените да добијат медицински услуги од мажи. Тоа значи дека намалувањето на бројот на женски здравствени работници директно ќе ги ограничи услугите за здравјето на мајките, новороденчињата и децата.
„Авганистан не може да си дозволи да ги изгуби идните наставници, медицински сестри, лекари, бабици и социјални работници, кои ги одржуваат основните услуги. Ова ќе биде реалност ако девојчињата продолжат да бидат исклучени од образованието“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
„Ги повикуваме де факто властите да ја укинат забраната за средно образование за девојчињата и ја повикуваме меѓународната заедница да остане посветена на поддршката на правото на девојчињата да учат.“
Авганистан се соочува со двојна криза: губење на обучени женски професионалци, додека истовремено се спречува новата генерација да ги замени. Како што искусните жени се пензионираат или ја напуштаат работата, на девојчињата им се забранува да го продолжат своето образование и да ги преземат тие улоги. Секоја година одложување ја чини Авганистан уште една генерација квалификувани професионалци.
Откако де факто властите им го оневозможија пристапот до средно образование на девојчињата во септември 2021 година, еден милион девојчиња се лишени од своето право на образование, во земја која и онака има една од најниските стапки на писменост кај жените во светот. Анализата укажува дека, ако забраната продолжи до 2030 година, повеќе од два милиони девојчиња ќе бидат лишени од правото на образование над основното ниво.
Училиштата веќе се погодени, при што бројот на наставнички во основното образование се намалил за повеќе од 9 проценти.
И покрај рестрикциите, УНИЦЕФ продолжува да го поддржува образованието на децата во Авганистан повикувајќи на итна акција за враќање на правото на девојчињата на средно и високо образование и за одржување на инвестициите во основното образование како клучен пат за развој на човечкиот капитал и доказ за позитивното влијание што инклузивното образование го има врз девојчињата.
„Одземањето на пристапот на авганистанските девојчиња до средно образование ѝ го одзема потенцијалот на цела нација “, изјави Расел.


