Земјотрес од 4,5 степени според Рихтер почувствуван на југот на Албанија

Објавено:

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран 35 минути по полноќ во јужниот дел на Албанија. Епицентарот на потресот бил на шест километри северо-западно од познатото приморско гратче Химара, на длабочина од пет километри и е почувствуван и во соседните градови.

Покрај јужниот дел на Албанија и приморските места (Химара, Валона, Саранда, Тепелена, Ѓирокастро), земјотресот поради малата длабочина бил почувствуван и во пограничните региони на Грција.

Освен вознемиреност кај жителите и туристите, нема информации за предизвикана материјална штета.