Земјотрес ја погоди Јапонија, повеќе од 30 лица се повредени во регионот на Токио

Објавено:

Најмалку 37 лица се повредени откако земјотрес со магнитуда од 5,9 степени ја погоди префектурата Ибараки, североисточно од Токио, во раните утрински часови во неделата (23 август).

Земјотресот предизвика и пукање на водоводни цевки и нарушувања во транспортот во некои области, објавија локалните медиуми – објави кинеската новинска агенција Синхуа.

Телевизиската мрежа Фуџи њуз нетворк повикувајќи се на Агенцијата за управување со пожари и катастрофи, објави дека до 10 часот по локално време најмалку 37 лица биле повредени во Токио, префектурата Ибараки, префектурата Канагава и други области.

Властите соопштија дека повеќето од повредените се здобиле со повреди при паѓање или откако се удриле во мебел или врати, бидејќи земјотресот ги затекнал додека спиеле, по што во паника станале од креветите, пишува американската новинска агенција Асошиејтед прес (АП).

Меѓу повредените била и жена во осумдесеттите години, која паднала од креветот и се здобила со тешка повреда на колкот во Јокохама, во префектурата Канагава, објави весникот „Јомиури“.

23-годишен маж за весникот „Асахи“ изјавил дека почувствувал силен вертикален потрес неколку секунди откако на неговиот телефон се активирало предупредувањето за земјотрес, додека пазарувал во источниот дел на Токио, во областа Таито. Тој рекол дека се плашел да не биде погоден од производи што паѓале од полиците додека зградата се тресела.

Земјотресот привремено предизвика прекин на дел од железничкиот сообраќај во регионот Канто, иако услугите постепено се нормализираат. Во Токио и во други области пукнаа повеќе водоводни цевки, предизвикувајќи привремено поплавување на некои улици.