2.150 евра за три месеци – Ангелов повика поранешни полицајци и војници да гаснат пожари

Објавено:

Во пресрет на летната сезона, кога има зголемен број на пожари на отворено, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, повика поранешни полицајци, војници и пожарникари да помогнат во нивното гаснење.

„Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас. Доколку се во пензија нивната пензија тече, не се прекинува, а за ангажманот со договор на дело во ДЗС ќе добијат дополнителни 44.000 денари месечно нето или 132.000 денари за три месеци (2.150 евра)“, повика Ангелов.

Како што рече тој, потребни им се кандидати кои ќе бидат ангажирани како возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи вградени на возилата, како и ракувачи со водни ранци и метли.

Работното време, како што посочи ДЗР, ќе биде приспособено на потребите за справување со пожарите на отворен простор односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство.

„Користењето на слободни денови ќе се договора во зависност од потребите на теренот и од потребите на ангажираните лица. Воедно се погриживме да имаат доволно слободни денови за да можат да заминат на однапред планиран летен одмор“, рече директорот на ДЗР.

Кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле или се отстранети од редовите на овие служби. Се бара да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста.

Летото 2025, во шумските пожари во Северна Македонија беше опожарена површина од 17.107 хектари. „Национални шуми“ проценија дека штетата е до 50 милиони евра. Од јануари до септември лани вкупно била опожарена маса од 278.365 метри кубни.

Во периодот од 2020 до 2024, пак, во земјава имало 834 пожари кои опожариле површина од 82.339 хектари, а биле пеплосани 14.151.120 метри кубни дрвна маса. Направената штета, според процените на „Национални шуми“ е околу 127,5 милиони евра.