Беким Сејдиу објави дека се повлекува од кандидатурата за претседател на Косово поради, како што напиша, недостатокот на потребната парламентарна поддршка за неговиот избор, објави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој рече дека за својата одлука ги известил Движењето Самоопределување (ЛВВ) и Демократската лига на Косово (ЛДК), партиите што го предложија како заеднички кандидат за претседател.
„Во околностите што се појавија, обележани со недостатокот на потребната парламентарна поддршка за мојот избор за претседател и пренасочувањето на целиот процес во вртлог од внатрешнополитичка динамика и конфликти, решив да се повлечам од кандидатурата за претседател на Република Косово“, напиша тој на Фејсбук.
На 31 август, ЛВВ и ЛДК објавија дека се согласиле Сејдиу да биде нивен заеднички претседателски кандидат по неколку рунди преговори.
Сепак, веќе следниот ден, шест пратеници на ЛДК објавија дека нема да го поддржат Сејдиу.
Сејдиу рече дека се надева оти пратениците и политичките партии ќе ги надминат поделбите со цел да се обезбеди институционална стабилност за земјата.
Според него, на Косово и неговите граѓани „не им се потребни политички драми и продлабочување на поларизацијата, туку зрелост и единство во функција на зајакнување на нашата држава“.
„Затоа, искрено се надевам дека политичките партии ќе најдат излез од овој маѓепсан круг кој, повеќе од сè, ја ослабува надежта на граѓаните за просперитетна иднина за себе и за своите семејства“, напиша тој.
Веста за повлекувањето на Сејдиу дојде еден ден откако Собранието беше прогласено за конституирано и потоа беше избрана нова влада предводена од Албин Курти.
Сепак, опозициските партии го оспорија формирањето на обете институции. На 14 септември, Демократската партија на Косово (ПДК) поднесе барање до Уставниот суд за привремена мерка против Собранието додека не се разјасни уставноста на процесот.
ПДК тврди дека владејачкото движење „Самоопределување“ го прекршило уставниот рок од 30 дена за конституирање на Собранието, како и постапката за свикување седници на секои 48 часа до неговото формирање.
Според претходната одлука на Уставниот суд, Собранието мора да се конституира во рок од 30 дена од потврдувањето на резултатите од изборите. Тој рок истече на 7 август 2026 година.
Косовското собрание беше конституирано во недела без избор на втор потпретседател, позиција што ѝ припаѓа на ПДК, бидејќи партијата не учествуваше на седницата, обвинувајќи ја владата за нарушување на постапката.
Неколку часа подоцна, беше избрана нова влада. На седницата не присуствуваа пратениците од ПДК, ЛДК и Алијансата за иднината на Косово.


