За мито од речиси две илјади евра и „наместен тендер“ за одржување и чистење на гранични премини е осомничен поранешниот директор на Царинската управа од СДСМ Стефан Богоев. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека отвориле истрага против четири лица, поранешни директор и помошник директор на Царинската управа, управителот на фирмата и вработен во неа. Тие се осомничени за злоупотреба на постапката за јавен повик, примање мито и незаконско влијание.
„Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари“, се вели во соопштението.
Според доказите на обвинителите, првоосомничениот злоупотребувајќи ја својата функција и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Финансиската полиција соопшти дека прибраните докази покажуваат дека поранешниот директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а помошникот директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка. Со тоа обезбедиле услови, како што поажуваат податоците од Бирото за јавни набваки, фирмата Климо комерд да биде избрана и да се стекне со противправна имотна корист во вредност од 300 илјади евра.
„Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на
Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за
што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М“, е наведено во соопштението до Финансиската полиција.
Истрагата покажала дека Богоев примил мито од две илјади евра за да ја спроведе набавката во интерес на фирмата што ја добила, објаснуваат во соопштението обвинителите. Обвинителството бара од Основниот кривичен суд да им одреди мерка притвор за сите четворица осомничени.
СДСМ обвинува за политички прогон на Богоев
Претходно, опозицискиот СДСМ потврди дека е уапсен поранешниот директор на Царина и поранешен градоначалник на скопската општина Карпош од нивните редови, Стефан Богоев. СДСМ ја обвини власта за политички прогон на Богоев, за како што велат, дефокус на јавноста за неисполнетите ветувања кон граѓаните и Европската Унија.
„На денот кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта пристигна во Македонија, кој го потврди она што го говори СДСМ и порача дека без внесување на малцинствата во Уставот нема поместување од мртва точка, токму тогаш предмет за Стефан Богоев. Дали има некој што верува во ова партизирано судство и обвинителство после нарачките на Мицкоски преку собраниската говорница, на телевизија и на крај директно преку телефон?“, се вели во нивното соопштение.
Претходно Финансиската полиција на 2 јуни соопшти заедно со Обвинителството привеле неколку луѓе осомничени за корупција без да соопшти повеќе детали. Во нивното соопштение беше наведено дека акцијата произлегла од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата. Од таму наведуваат дека постојат основи на сомнение дека тие дела се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери. Меѓу приведените се и неколку вработени во Царината.
Според известувањето на дел од медиумите, истрагата на Финансиската полиција била фокусирана на јавна набавка од 2023 година Станува збор за тендер наменети за хигиена и одржување на граничните премини и терминалите во вредност од 325 илјади евра. Претходната година истата фирма го добила тендерот во износ од 200 илјади евра.
Со компанијата за која се сомничи Богоев дека склучил коруптивна зделка, годинава Царинската управа склучила договор за одржување на рампите на граничните премини во вредност од 40 илјади евра. Со нив лани во декември договор за јавна набавка склучило и Министерството за внатрешни работи за услуги за сервисирање и тековно одржување на високопритисна опрема, термотехничка инсталација, хемиско и механичко чистење на котелски единици во вредност од половина милион евра.
Според опозицијата, станува збор за монтиран случај, за како што велат, обид за дефокусирање од критиките што доаѓаат од Европската Унија, “откако уште еднаш се потврди дека Македонија стои во место поради криминалот и корупцијата на власта“.
„Тоа најдобро го знае самиот Мицкоски, кој денес се однесува како организатор на секој процес во државата. Мицкоски со неговите „чувства“ веќе со денови јавно го најавуваше ова апсење. Додека режира спектакли за јавноста, остануваат неодговорени многу сериозни прашања. Со месеци нема одговор што се случи со петте тони дрога што ја поминаа границата и завршија кај сестринската партија СНС. Нема одговорност за низа скандали кои ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ“, се вели во нивното соопштение.
Оттаму додаваат дека во изминатиов период јавноста е сведок на јавни најави на истраги и апсења од премиерот Мицкоски, што, според нив ги потврдува сериозните сомнежи за целосно политичко влијание врз правосудниот систем.
„Мицкоски постојано создава театар за јавноста. Театар има секој ден. Резултати нема. Затоа на Македонија ѝ се потребни независно судство, независно обвинителство и соработка со Европското јавно обвинителство“, се вели во нивното соопштение.
Стефан Богоев неколку години беше пратеник на СДСМ во Собранието. Тој од 2017 до 2021 година беше градоначалник на Општина Карпош. По градоначалничкиот мандат, Богоев беше дел од потесното раководство на СДСМ како потпретседател. Во јули 2024 година беше именуван за директор на Царинска управа. Од функцијата директор замина по промената на власта во 2024 година.


