Британец со камења фрлал по даночни инспектори во Куклица, кратовско

Објавено:

Освен како туристичка атракција, локалитетот „Камени кукли“ кај Кратово повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста. Овојпат поради инцидент за време на даночна контрола. Кумановското обвинителство поведе постапка против 41-годишен британски државјанин, кој е осомничен дека ги спречил даночните контролори да извршат службено дејствие.

Според Обвинителството, на 16 јули на локалитетот во селото Куклица, двајца даночни контролори дошле да извршат контрола поврзана со претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност. Во моментот кога се обиделе да ја спроведат контролата, осомничениот се спротивставил и фрлал со камења кон нив и кон службеното возило, по што контролорите го напуштиле местото.

„Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, се вели во кусото соопштение.

За овој настан, Обвинителството го товари Британецот за кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Овој инцидент е последен во низата случувања околу едно од најпознатите природни богатства во кратовскиот регион. Локалитетот „Камени кукли“( Куклица) познат по необичните камени формации, со години привлекува туристи, но во последниот период се отвори спор околу тоа кој има право да управува со просторот и да наплаќа услуги од посетителите.

Посетители претходно реагираа дека на влезот им било барано да платат за пристап до локалитетот, без јасно објаснување кој ја врши наплатата, без фискална сметка и без објаснување дали за таа наплата постои законска основа.

Минатиот месец, општината Кратово тврдеше дека просторот бил бесправно узурпиран и дека лица поврзани со здружението „Извор“ неовластено наплаќале од посетителите. Од Општината посочија дека „Камените кукли“ се споменик на природата и дека управувањето со ваков локалитет не може да биде приватна иницијатива без соодветни дозволи.

Од другата страна, лицата кои го користеле просторот ги оспоруваат овие тврдења и укажуваат дека вложувале во одржување и уредување на локалитетот.

Спорот стигна и до суд. Општина Кратово информираше дека има првостепена судска одлука поврзана со предавање на просторот и објектите на Општинската установа „Музеј на град Кратово“, но постапката продолжува по жалба на странките.