Бугарија: Граничниот премин „Клепало“ ќе се отвори до 2029

Објавено:

До 2029 година треба да се отвори граничниот премин „Клепало“ меѓу Македонија и Бугарија.

Ова денеска го најави бугарската страна откако во Благоевград беа презентирани резултатите од завршените еколошки процедури во однос на изградбата на преминот од бугарска страна. Следниот чекор, според пишувања на бугарските медиуми, е подготовка на проект и издавање на градежна дозвола, по што ќе се почне со изградба на преминот.

Очекувањата се тој да биде завршен до 2029 година, рок кој беше најавен и пред околу две години кога започна негово воспостување со помош на ЕУ, но беше под знак прашалник дали ќе се постигне со оглед на процедурите што претстоеја.

Заменик-министерот за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Десислава Георгиева, изјави дека за оваа инвестиција издвојуваат 11 милиони евра.

„Таа е важна и за луѓето во регионот, со цел уште повеќе да ги зближиме заедниците од двете страни на границата, да им овозможиме на бизнисите да создадат додадена вредност и да се развива туризмот. Од нас се бара што побрзо да ги започнеме вистинските активности за изградба на граничниот премин ’Клепало‘ и инфраструктурата за поврзување“, рече Георгиева.

Најблиските населени места од двете страни на границата се Берово и Струмјани.

„Повеќе од 40 години, луѓето од Сандански, Струмјани и Кресна чекаат на отворањето на овој граничен премин. Сега се надевам, и покрај оптоварувањето со процедурите, дека ќе продолжиме и, пред сè, ќе го завршиме овој многу важен проект“, рече градоначалникот на Струмјани, Емил Илиев.

Од македонска страна, работите се завршени, што во своите јавни настапи го потенцираа и владини претставници изминатиот период.

„Во однос на ’Клепало‘, од наша страна целосно се завршени работите. Во координација со релевантните институции МВР, Царинската управа и останатите институции коишто се поврзани со граничниот премин од наша страна е сè завршено. Проблемот беше на бугарска страна. Морам да кажам дека претходниот министер за транспорт и вицепремиер на Бугарија, Гроздан Караџов, го раздвижи проектот и дека со изборот на нов министер дополнително ќе се реализира овој проект и ќе можеме да се поврземе од двете страни“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на 17 мај.

„Клепало“ беше започнат во 1993, но никогаш не профункционира.

Работите се раздвижија изминативе години. Во октомври 2024 година Царинската управа на Македонија започна активности за проектот за воспоставување на овој граничен премин со инвестиција од 3,7 милиони евра. За овој проект беа обезбедени пари од од ИПА 3 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија. Вкупниот износ на доделениот грант е 11 милиони евра, од кои 85% финансирање од ЕУ во износ од 7,7 милилиони евра и 15% национално ко-финасирање од двете земји во износ од 1,3 милиони евра и сопствено дoброволно ко-финасирање во проектот од 2 милиони евра