Граѓаните што претрпеле материјални штети од вчерашното невреме во Скопје да поднесат барања до матичните општинските комисии за процена на штети, повика Центарот за управување со кризи (ЦУК). Овие комисии во најбрз рок би требало да излезат на терен за официјална проценка на настанатите оштетувања врз имотот.
Преку Единствениот број за итни повици 112 и надлежните институции регистрирале голем број пријави за поплави и оштетување на инфраструктурата. Најпогодени се општините Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром, при што беа поплавени два подвозници, три кружни текови и повеќе од осум сообраќајни улици.
Освен на патната мрежа, невремето предизвикало штети и во станбени објекти, куќи, подруми и гаражи. Водата навлегла и во два поголеми деловни магацини лоцирани во Чаир и Кисела Вода. Поплавен бил и објектот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде водата влегла во подрумот, гаражите, главниот хол и амфитеатарот.
Од Ценатрот за управување со кризи велат дека сите расположливи тимови интервенираат на терен според степенот на приоритет и ризик, со цел побрзо расчистување на погодените подрачја и нормализирање на состојбата.


