Договорот за изградба на автопатот Скопје – Блаце ќе биде потпишан в понеделник, најави премиерот Христијан Мицкоски.
„Ако зборуваме за патната инфраструктура, за неколку месеци од сега шест автопатски делници ќе се градат. Во понеделник го потпишуваме договорот за изградба на автопатот Блаце – Скопје, проект што граѓаните го чекаат со децении и кој го доби македонска компанија. Многу наскоро ќе биде завршен и процесот за делницата Букојчани – Кичево, а догодина ова време веќе ќе треба да го користиме автопатот Кичево – Охрид. Исто така, догодина ова време очекувам првите десет километри од автопатот кај Прилеп да бидат пуштени во употреба во двете насоки, а во полн ек да биде изградбата на автопатот Тетово – Гостивар – Букојчани“, рече Мицкоски.
Изведувач на автопатот е конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба треба да придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај, да ја подобри поврзаноста со соседните земји и да создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Скопје-Блаце почна да се гради и во 2020 година со вкупна должина од само 12 километри.
За да се забрза изградбата, беше поделен на две делници: едната од граничниот премин до клучната Блаце, а другата од клучката кај спортскиот аеродромот „Стенковец“ до селото Блаце.
Но, за шест години се изградија само два километри, кои не беа во функција бидејќи завршуваа во провалија.
Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ – од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години. Тој е во функција веќе седум години.


