Нов почеток на градба за автопатот Скопје-Блаце што води кон Косово, најавија надлежните.
Автопатот ќе почне да се гради летово од конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“. Станува збор за делница во должина од 10,5 километри, а треба да биде изграден за три и пол години, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој рече дека со ова всушност почнува изградба на нов автопат.
Автопатот ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови или вкупно 40-тина објекти заедно со помалите.
Скопје-Блаце почна да се гради и во 2020 година со вкупна должина од само 12 километри.
За да се забрза изградбата, беше поделен на две делници: едната од граничниот премин до клучната Блаце, а другата од клучката кај спортскиот аеродромот „Стенковец“ до селото Блаце.
Но, за шест години се изградија само два километри, кои не беа во функција бидејќи завршуваа во провалија.
Проектот за доизградба на останатите беше на евалуација по што од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) информирале дека постапката е завршена. Николоски вели „почнуваме со изградба на нов автопат“.
„На денешната средба со директорот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, бевме информирани дека е завршена постапката за избор на изведувач за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата Гранит. После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект“, информираше министерот.
Скопје-Блаце ќе донесе автопатско поврзување од Северна Македонија до Косово, но и до Црна Гора со што, надлежните потенцираат дека ќе се отвори уште едно пристаниште за македонскиот бизнис – пристаништето во Бар.
Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ – од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години. Тој е во функција веќе седум години.


