Царинската управа поднела кривична пријава против доктор и медицинска сестра, кои се обиделе да прошверцуваат вкупно 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари (околу 10 илјади евра) преку поштенска пратка декларирана како козметички примероци со вкупна вредност од 80 долари.
Против лицата е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела, шверцување и царинска измама, казниви во согласност со Кривичниот законик, соопшти Царинската управа.
Случајот е откриен од страна на царински службеници од Царинска филијала Скопје 1 при детална контрола на поштенска пратка пријавена за увозно царинење за која била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички примероци. При отворање на пратката царинските службеници откриле 199 вијали со ботокс, кои се користат во естетската медицина и кои не биле наведени во фактурата.
Случајот е предаден на Одделението за истраги, кое поведе посебни предистражни дејства, во чии рамки по налог на јавен обвинител извршен е и претрес на три локации. Во предистрагата е утврдено дека првоосомничениот, вработен како доктор на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, нарачал 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари од компанија од Република Кореја и се договорил во фактурата да бидат декларирани како 10 парчиња козметички производи со вкупна вредност од 80 долари. Потоа, од второосомничената, вработена како медицинска сестра на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Tереза“, побарал да биде наведена како примач на стоката, која му помогнала во вршење на кривичните дела на начин што се согласила нарачката да пристигне на нејзино име и адреса и фактурата ја платила од својата трансакциска сметка.
Увозот на ботокс е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и секоја измама поврзана со увоз на ваква или слична стока претставува опасност за здравјето на граѓаните, посочуваат од Царинската управа и порачуват дека и натаму ќе има нулта толеранција кон сите што се обидуваат да работат спротивно на законот.
Во април, МВР соопшти дека 19 лица се под истрага за повеќе кривични дела во рамки на акцијата за разбивање на мрежа за фалсификувани медицински лекови и помагала, која се занимавала од шверц, па се до нелегални естетски зафати, како што се ставањето филери и ботокс
Приведени беа 14 лица од осомничените, а меѓу нив има доктори од болницата „8 Септември“ и од Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегални лекови и медицински помагала. Покрај нив, акцијата опфаќа и шест фирми од Скопје и Битола.
Седуммина осомничени создале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, наведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица“, соопшти тогаш ОЈО ГОКК.


