Трговскиот центар „Ист гејт“ денеска беше на кратко евакуиран по активирање на противпожарен аларм кај еден од закупците на дуќани во трговскиот центар.
Посетителите биле замолени мирно да го напуштат објектот на трговскиот центар, согласно безбедносните протоколи.
По проверките било утврдено дека станува збор за лажен аларм за пожар, по што трговскиот центар продолжил со работа.
Засега нема информации за повредени лица или материјална штета. Евакуацијата била спроведена превентивно, поради активирањето на алармот.
Нема дојави за бомби во кој било трговски центар во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи, по информацијата дека била спроведена евакуација во трговскиот центар „Ист Гејт“.
„Во СВР Скопје нема дојава за поставени експлозивни направи во било кој трговски центар“, информираат од МВР.
Претходно, на 25 април, полицијата спроведе евакуација во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје откако стигнала дојава за поставена бомба. Полицијата направи проверски по што МВР вечерта на 25 април соопшти дека дојавата е лажна.
Дојавите за бомби не се новина со која се соочуваат безбедносните институции во земјава. Изминативе години често стигаа лажни дојави за поставени експлозивни направи на јавни места, а најмногу во училишта. Само во февруари 2025 имаше над 200 дојави за во училишта.


