Филипче: Нема да нè замолчите, итна истрага за нападот на децата во Ново Село

Објавено:

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Обвинителството итно да реагираат и да отворат истрага за нападот на млади активисти на партијата вчера во струмичко Ново Село.

Социјалдемократите, вчера (5 август) обвинија дека активисти на ВМРО-ДПМНЕ нападнале млади членови на СДСМ откако биле во Ново Село да го пречекаат премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со порака „Гостивар се труе, вие сте виновни“.

„Бараме итна реакција и итна истрага на МВР, итна истрага на обвинителството. Кои беа тие луѓе? Затоа што беа активисти на ВМРО-ДПМНЕ, беа луѓе блиски на Христијан Мицкоски, тие луѓе кои посегнаа по тоа физички да се пресметаат со младите деца кои ја говореа вистината. Упатувам порака: Децата не се сами, не беа сами синоќа, не се сами денеска, нема да бидат сами ниту утре“, порача Филипче на прес-конференција од Ново Село.

Според него, нападот на активистите е знак дека власта е исплашена затоа што на површина „излегува вистината за загадената вода, за економијата, за Европа“.

„Оваа власт нема да нè замолчи. Ако ова е порака дека секој што мисли различно и ја говори вистината, ќе биде замолчен и со него физички ќе се пресметаат, упатувам порака: Нема да им успее, доаѓа време на вистина и правда“, рече Филипче.

Засега нема реакција од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Филипче.

Од владејачката партија и денеска продолжија со обвинувањата кон Филипче кој е поранешен министер за здравство, дека со години молчеле дека била загадена водата во Гостивар.

Гостивар стана главна тема на политичките препукувања откако во водата од градскиот водовод беа пронајдени бактерии, а над 3.000 жители побараа помош поради стомачни тегоби.

Надлежните прогласија епидемија и кризна состојба, додека обвинителството води истрага за одговорноста за загадувањето на водата во Гостивар.