Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска беше поразена во својот дебитантски меч на Вимблдон во кој играше против минатогодишната финалистка и шеста светска тенисерка, Аманда Анисимова. Таа загуби од Анисимова со 2:0 во сетови (6:3, 6:2).
Иако, не победи во сетовите, Ѓорческа се запиша во македонската спортска историја со својот прв настап во главната фаза на еден Гренд Слем турнир, откако денеска излезе на терените на Вимблдон, кое претставува неофицијално светско првенство во тенис.
„[Добив] многу пораки за поддршка што ми значат сè на светот. Играњето на овој голем терен со многу публика беше навистина неверојатно. Тоа е еден од најдобрите, ако не и најдобриот турнир, па затоа е навистина доживотно искуство. Исто така, да се игра против Аманда (Анисимова), финалистка и неверојатна тенисерка, тоа е навистина остварување на сон“, изјави Ѓорческа за официјалниот сајт на Вимблдон.
Со пласманот во првото коло како тенисерка која ги мина квалификациите, Ѓорческа ќе освои 40 ВТА поени. По завршувањето на Вимблдон се очекува значителен напредок на нејзиниот пласман и скок кон околу 200. место на светската ранг-листа.
Претходно за да се најде во главниот ждреб на овој Гренд Слем турнир, Ѓорческа ја победи ривалката Лусија Бронзети, моментално 127. Тенисерка на ВТА листата, со убедливи 6:1 и 6:2.
Досега ниту еден тенисер во поединечна категорија не настапил на главен турнир на ниту еден од четири Гренд слема (Wimbledon, US Open, Australia Open. Roland Garros).
Единствениот Македонец што настапил беше Александар Китанов, но тој настапуваше во двојки.
Лина Ѓорческа е родена на 3 август 1994 година. По потекло е од Тетово и е ќерка на легендата на македонската одбојка Владимир Ѓорчески – Ципа, кој почина пред еден месец.
Ѓорческа во 2013 година беше прогласена за најдобра млада спортистка на Македонија од страна на Сојузот на спорови и Агенцијата за млади и спорт, а три години подоцна беше прогласена и за најдобра спортистка на Македонија.
Таа беше првата македонска тенисерка што воопшто и заигра во квалификации за Гренд слем турнирите – во 2016 во квалификациите на Отвореното првенство на САД (US Open) и во 2017 во квалификациите за Отвореното првенство на Австралија (Australia Open). Но, и во двата случаи не успеа да се пласира на главниот турнир.


