Актуелниот пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, добил понуда повторно да се врати во раководните структури на партијата, откри тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Станува збор за функцијата потпретседател на СДСМ од која самиот поднесе оставка по поразот на парламентарните избори во 2024 г.
„Размислувам, разговарам со сите страни и многу брзо ќе разговарам повторно со претседателот“, рече Битиќи.
Односите со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тој ги оценува како коректни и професионални.
Битиќи беше вицепремиер во Владата на СДСМ и ДУИ, а претходно веќе ја извршуваше функцијата потпретседател на партијата. Си даде оставка по поразот на парламентарните и претседателските избори во мај 2024 година.
Ако прифати повторно да ја застане на функцијата, Битиќи би бил вториот нов потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз откако Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ јавно побара реформи во партијата и оставка од Филипче и останатото раководство.
По најавата дадена уште во текот на летото, на 24 септември градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, беше избран за потпретседател на партијата.
Во моментов, на оваа функција во СДСМ се уште две други имиња: пратеничката Јованка Тренчевска, која е и поранешна министерка за труд и социјална политика, и докторот Александар Трајановски кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Аеродром на минатогодишните избори.
На 24 септември, социјалдемократите го проширија и Централниот одбор со уште пет нови имиња, покрај постоечките, и тоа: Верица Зурзуровска, Јане Велковски, Николче Мискоски, Александар Поповски и Владимир Михајловиќ.
Поповски, исто така беше избран и за член на Извршниот одбор.


