Илинденците се бореа за слобода, ние денес се бориме против корупцијата – порача Филипче од Крушево

Објавено:

Илинден има вредност само ако градиме подобра иднина и имаме должност да го продолжиме патот на илинденците за праведна и напредна Македонија – порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска од Крушево.

Тој и пратениците, Бисера Костадиновска Стојчевска и Митко Трајчулески објави оддадоа почит и положија свежо цвеќе на вечното почивалиште на Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република, во „Македониумот“ на Гумење.

„Илинденците се бореа за слобода, ние денес се бориме против корупцијата и изолацијата. Денес, повеќе од еден век подоцна, имаме должност да го продолжиме токму тој пат. Македонија не смее да остане заробена во минатото. Не смее да биде држава во која младите заминуваат, во која пензионерите едвај преживуваат, во која водата за пиење е опасна, а институциите служат на тесен круг луѓе“, рече Филипче.

„Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите. За Македонија која е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна“, додаде опозицискиот лидер.

Тој посочи дека денешната борба, како што рече, е против корупцијата, изолацијата и „лажниот патриотизам што ја држи државата во место“.