Повеќе од 20.000 луѓе ја преминале руско-грузиската граница во понеделникот откако се раширија гласини за мобилизација на руските државјани по парламентарните избори во Русија во септември, пишуваат дел од руските медиуми.
Федералната царинска служба објави дека имало „рекорден“ број патници на преминот „Верхни Ларс“, единствениот копнен премин меѓу Русија и Грузија.
Повеќе од 19.000 луѓе ја преминале границата на дневно ниво на 15 и 16 август, а повеќе од 20.000 на 18 август што е „значително повеќе“ отколку во претходните години во исто време.
Редици Руси на овој граничен премин имаше и во септември 2022 откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација.
Рускиот портал „Осторожно новости“ повикувајќи се на податоци од службата за помош на иселениците „Релокац“, објави дека бројот на Руси заинтересирани за емигрирање речиси се дуплирал како што се приближува есента.
Бројот на апликации што ги примила службата од 70 дневно, скокнал на 120, што е зголемување за околу 70%.
Апликациите доаѓаат главно од луѓе на возраст од 18 до 35 години и се поднесуваат како итни додека дел од апликантите наведуваат оти сакаат да заминат пред септември или октомври.
Меѓу главните причини што се наведуваат се стравот од мобилизација, загриженоста за ситуацијата во Русија и желбата за „план Б“. Најпопуларните дестинации за мигрирање им се Грузија, Србија и Ерменија.


