Иранските сили нападнаа најмалку три цивилни брода откако Техеран објави дека ја поништува својата одлука за повторно отворање на Ормускиот Теснец. Во првиот инцидент, два воени брода на Исламската револуционерна гарда (IRGC) пукаа кон танкер без предупредување, соопшти Организацијата на Обединетото Кралство за поморска трговија.
Вкупно три брода беа таргет откако на 8 април започна двонеделното примирје, се вели во нивното соопштение посочувајќи дека еден од нив бил погоден од ирански проектил. Два од бродовите пловеа под индиско знаме, што ја натера Индија да го повика иранскиот амбасадор во знак на протест.
По овие инциденти, американскиот претседател Доналд Трамп зборувајќи во Вашингтон, изјави дека нема да дозвли САД да биде уценувана.
„Станаа малку слатки… Сакаа повторно да го затворат теснецот, знаете, како што прават со години. И не можат да нè уценуваат“, изјави тој.
Но, Трамп исто така рече дека се водат „добри разговори“ со Иран и дека „ќе имаат некои информации до крајот на денот“.
Претходно, податоците за следење на бродовите покажаа дека неколку бродови минуваат низ теснецот. Но, многу од нив се вратија назад откако се проширија вестите за одлуката на Иран и нападите на Иранската револуционерка гарда. Поморската компанија „Виндвард“ напиша во објава на социјалните мрежи дека 13 бродови направиле „нагли полукружни свртувања, што ја илустрира нестабилноста на ситуацијата“.
Драматичните настани следеа по оптимизмот од петокот, кога глобалните цени на нафтата паднаа по првичното објавување за повторно отворање на теснецот. Но, оптимизмот исчезна кога иранските државни медиуми објавија дека одлуката за отворање на теснецот е поништена, како одговор на одлуката на Трамп да ја задржи американската поморската блокада кон Иран.
„Додека преминот на бродови од иранско потекло [или] до иранска дестинација останува под закана, статусот на Ормускиот теснец ќе остане во претходната состојба“, се вели во соопштението на командата на Иранската револуционерна гарда.
Откако цивилните бродови беа нападнати, иранските поморски сили доцна на 18 април издадоа соопштение во кое се вели дека „бродовите од каков било вид“ што се приближуваат кон теснецот „ќе бидат цел“.
Статусот на теснецот е клучна област на спор меѓу Вашингтон и Техеран. Пред војната, тој беше канал за 20 проценти од глобалните испораки на нафта и течен природен гас (LNG). Тој е целосно затворен за сообраќај по американските и израелските воздушни напади врз Иран на 28 февруари.
Иранската одлука да го затвори доведоа до зголемување на цените на нафтата и ја потресоа глобалната економија. Повторното отворање на теснецот е клучно барање на САД во мировните преговори, а објавата на Иран на 17 април, која укажува дека поморското движење може да продолжи, се чини дека сугерира дека се гради дипломатски моментум. Тоа следеше по стапувањето во сила на прекин на огнот во Либан, што беше иранско барање.
Подоцна, на 17 април, Трамп рече дека сега нема „значајни разлики“ меѓу Вашингтон и Техеран и дека разговорите ќе продолжат во текот на викендот.
„Ќе видиме како ќе заврши сè, но треба да бидат добри, некои многу добри дискусии. Се случуваат многу добри работи“, рече тој.
Но, тој висок степен на оптимизам беше проследен со низа негативни сигнали.
Во жестока објава на социјалните мрежи, претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф, го обвини Трамп дека кажува „лаги“ и рече дека „со продолжувањето на блокадата [на САД], Ормускиот теснец нема да остане отворен“.
Оваа закана беше спроведена неколку часа подоцна, кратко откако беше објавено дека клучниот пакистански посредник, началникот на армијата, фелдмаршалот Асим Мунир, го напуштил Техеран по тридневни разговори. Каде сега се наоѓаат изгледите за продолжување на директните разговори по неуспешните американско-ирански преговори во Исламабад на 11 април е нејасно.


