Зоран Јованов, татко на Васил Јованов кој ја прегази младата Фросина Кулакова, доби ослободителна пресуда.
Против него се водеше постапка за кривично дело „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“. По анализа на доказите, Основниот кривичен суд Скопје, оцени дека дејствијата за кои тој се товареше не ги содржат законските обележја на ова дело.
Согласно образложението на пресудата, Судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола.
Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а Судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел, велат од Кривичен.
„Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело. Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот. Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото“, соопшти Основниот кривичен суд.
Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот суд.
Васил Јованов, кој на булеварот „Партизански одреди“ во јануари 2025 година ја прегази младата Фросина Кулакова, првично доби 12 години затворска казна. Апелација потоа му ја зголеми казната на 13 години.
Тој е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Јованов доби и забрана за управување возило во траење од пет години.


