Јаневска: Во овој момент има 4.900 првачиња помалку од лани

Објавено:

Во овој момент, според бројот на досега запишани дечиња во основните училиште, за претстојната учебна година запишани се 4.900 првачиња помалку.

Ова е поразително за државата, оцени денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Жал ми е што можам да кажам, но тоа е факт, тоа и Статистика го има објавено, еве сега најновите податоците ги кажувам – бројка над четири илјади, некаде околу 4.900 првачиња помалку од лани до оваа година. Колку и да се запишат до крај, уште две илјади да се запишат ќе бидеме најмалку со 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година што е поразително за оваа земја“, изјави Јаневска.

Таа вели како образовен сектор прават се што се може за и тие деца и млади што ги има во државата да останат дома. Тука ги наброја адаптирањата на училиштата, доградбите, изградбата на студентските домови, промените на програмите, модернизацијата итн.

Поразителните демографски трендови – се помалиот број родени дечиња во државата и иселувањето, покрај во бројот на првачиња понатаму се одразува и во бројот на ученици во средните училишта, како и на бројот на студенти.

Нема точни бројки колку средношколци помалку ќе има годинава во споредба со лани. Јаневска оцени дека има намалување, но не драстично. Дефинитивните податоци ќе бидат познати и по третиот уписен рок што претстои овој месец за средните училишта.

Претходно Министерството за образование и наука соопшти дека во последните седум години бројот на ученици во основните и средните училишта се намалил за 17 илјади.