Катастрофални пожари и во Хрватска: Еден загинат, 42 повредени и уништени стотици куќи, бродови, автомобили

Објавено:

Еден загинат и 42 повредени е досегашниот црн биланс на големиот пожар што од синоќа ја зафати околината на Омиш и Сплит во Хрватска. Уништени се стотици куќи, бродови, автомобили, а осуммина од повредените се во критична состојба и се борат за живот на респиратор, јавуваат хрватските медиуми.

Сплитската полиција го пронашла телото на починатата жена на локацијата Мала Лука. Според првичните неофицијални информации, станува збор за туристичка работничка од Босна и Херцеговина која бегала од огнот.

„Сликите беа застрашувачки. Луѓето се обидуваа да спасат што може да се спаси, но ветерот брзо ја менуваше насоката. Направена е огромна материјална штета“, ги пренесуваат локаните медиуми изјавите на жителите.

Лекарите од Клиничкиот центар во Сплит имале драматична ноќ. Поради сериозноста на изгорениците, четири лица се итно префрлени на лекување во Загреб, меѓу кои и една малолетничка. Меѓу повредените има и двајца странски државјани со полесни повреди.

Огнот, чиј огнен фронт се протегал и до 10 километри, се ширел со голема брзина. Семејства и туристи раскажуваат за драматичните моменти на евакуација:

„Бевме во куќата и разговаравме за пожарот. Во една секунда огнот стигна до нас и сè изгоре“, изјавил чешки турист за хрватските медиуми.

Сопственици на апартмани брзо ги евакуирале гостите, додека локалните жители со сопствени бродови цела ноќ превезувале деца и постари лица на безбедно.
Покрај човечките жртви и повредени, материјалната штета е огромна. На терен влечни служби веќе отстраниле десетици изгорени возила за да се расчистат патиштата, додека надлежните и обвинителството вршат увид на опожарените површини.