Кој води тајни преговори во Брисел? Опозицијата обвинува, власта демантира

Објавено:

„Владата работи на трајно и одржливо решение што ќе го деблокира европскиот пат на државата,“ беше изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред два дена. По оваа изјава во која министерот не сподели детали, посочувајќи дека разговорите се водат дискретно, предизвика дводневни реакции кај опозицијата. Тој во интервју за МИА, изјави дека разликата меѓу актуелната и претходните влади е тоа што сегашната власт не е подготвена на попуштања кога станува збор за идентитетот, јазикот, историјата и културата.

По два дена од објавеното интервју, СДСМ тврди дека Владата веќе договорила прифаќање на францускиот предлог и дека ја подготвува јавноста за таков потег. Од друга страна, пак Министерството за надворешни работи ги отфрла ваквите наводи како „измислици“ и уверува дека нема тајни преговори.

Францускиот предлог е преговарачки пакет понуден од Франција во јуни 2022 година, за време на нејзиното претседателство со Европската Унија. Целта беше да се крене бугарското вето и да се овозможи одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Според таканаречениот француски предлог, македонското собрание има задача да направи уставни измени со кои во Преамбулата ќе ја вметне бугарската заедница, предлог на кој владејачката ВМРО-ДПМНЕ со години жестоко се противи. До тој предлог дојде откако во 2020 и 2021 година, Бугарија стави вето на преговарачката рамка за Македонија поради прашања поврзани со историјата, јазикот и правата на бугарското малцинство.

Генералниот секретар на СДСМ Андреј Жерновски на пред конференција обвини дека имаат информации од Брисел, според кои Владата веќе го договорила спроведувањето на таканаречениот француски предлог. Жерновски рече дека последните пораки и настапи на Владата јасно покажувале дека Владата сега се обидува да го претстави како победа токму она што со години го осудувала.

„Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Па најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во Европската Унија, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации. Единственото нешто што сега го прави Мицкоски и сите околу него е како оваа лага, којашто им ја продадоа на гласачите, да ја претстават како победа. Како да покажат дека тоа не е лага. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство,“ изјави Жерновски.

На ваквите тврдења со жестока реакција се јави Министерството кое во демантот посочи дека нема да има отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Од МНР велат дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери и овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена.

Министерот Муцунски смета дека за прашањата поврзани со европската интеграција е потребен широк политички консензус.

„Но, опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста. Нејзината попустливост и немањето капацитет далекусежно да ги согледа последиците од одлуките во 2021 и 2022 година нè доведоа до сегашната состојба“, рече Муцунски.

Тој нагласи дека опозицијата има право да критикува и да предлага решенија, но смета дека во областа на надворешната политика треба да преземе одговорност за, како што рече, грешките направени во периодот на нејзиното владеење.