Градоначалникот на Општина Чаир најави дека Општината ги започнува официјалните постапки за реализација на нов капитален проект во областа на културата и образованието – трансформација на просторот над плоштадот „Скендербег“ во Скопје во современа албанска библиотека. Иницијативата беше официјално објавена на прес-конференцијата по повод затворањето на Саемот на албанската книга во Скопје.
Според Меџити, новата библиотека ќе претставува современ мултифункционален простор, прилагоден на потребите на учениците, студентите, научните истражувачи, како и на сите граѓани кои се во потрага по нови можности за едукација и културен развој.
„Ќе ја изградиме Албанската библиотека. Ја започнуваме постапката за трансформација на просторот над плоштадот ‘Скендербег’ во современа библиотека, отворена за учениците, студентите и сите граѓани. Таа ќе биде дом на знаењето и културата во срцето на Чаир. Формирањето на оваа институција е од особено значење за локалната заедница“, изјави градоначалникот Меџити.
Тој најави дека проектот ќе го „го збогати културниот живот во општина Чаир и дека ќе овозможи полесен пристап до литература на албански јазик, но и на други јазици, за сите генерации“.
Од Општината, пак, најавија дека во претстојниот период ќе бидат објавени повеќе детали околу архитектонското решение на просторот, како и за временската рамка во која се очекува библиотеката да ги прими првите посетители.


