По 24-часовна интервенција, куќите во селото Лознани, помеѓу општините Могила и Прилеп, повеќе не се загрозени, информираа ноќеска директорот на Дирекцијата за спасување, Стојанче Ангелов, и командирот на битолските пожарникари, Христијан Тодоровски.
„Најпрвин имавме дојава за пожар во прилепско Маково. Почнавме таму да гасиме. Потоа имаше пожар во месноста Ергела накај селото Гнеотино, за во вечерните часови да се разгори пожар кај Лознани. Тој пожар го работиме цел ден денеска и го локализиравме дури вечерва. Имавме премногу тешка борба во Лознани во Новоселани беа загрозени куќи, успеавме да ги спасиме. Сега имаме активен пожар према селата Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани. Исто така, во текот на денот имаше и пожар кај селото Маково, о од друата страна на патот“, информираше Тодоровски.
И Ангелов и командирот на битолските пожарникари се сомневаат дека се работи за подметнати пожари.
„Се сомневаме дека пожарите биле подметнати бидејќи се движеа од разни страни како намерно за да не може да стигнат службите. Јас немам спиено 24 часа. Им благодарам на пинцгауерите од Дирекцијата за заштита и спасување“, вели Тодоровски.
Според Ангелов, спречена е голема катастрофа
„Во голема опасност беше селото Лознани, но благодарение на пожарникарите од Битола и локалните жители спречена е голема катастрофа. Постои опасност огнот од задната страна да загрози друго село“, рече директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Покрај пожарот во Лознани, вчера во Македонија беа активни уште 10 пожари.



