Со пораките „Правда во судница, не на улица“ и „На Задушница не се забораваат 63-те ангели“, родителите и блиските на загинатите и повредените, денеска во 19.05 часот излегоа на 44. „Марш на ангелите“ во пробиштипското село Ратавица, со повик за достоинствено сеќавање, поддршка за повредените и правда во судница по несреќата во кочанската дискотека Пулс во која загинаа 63 луѓе, а над 200 беа повредени.
Маршот беше организиран од Здружението „16 март“, од каде порачаа дека ќе чекорат со тишина, молитва и болка што не поминува, за оние чии гласови замолкнаа прерано, но чие присуство останува во срцата на нивните семејства и блиски.
Во повикот се наведува дека маршот е посветен на 63-те загинати, на повредените и на правдата што семејствата велат дека се должни да ја истраат до крај.
„Нашата порака е јасна: Не бараме одмазда – туку судница, факти, одговорност и процес што нема да ја релативизира трагедијата“, порачаа учесниците во денешниот марш.
За пожарот во „Пулс“, по пресудата за тројца полицајци, се води уште еден судски процес кој не е поврзан со полицајците. Станува збор за најобемниот предмет за оваа трагедија во кој се обвинети 35 лица и три фирми. Меѓу обвинетите се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.


