Мерко меѓу обвинетите за оштетување на заштитената куќа на Владо Малески

Објавено:

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поднесе обвинение против шест лица за оштетување на старата струшка куќа на Владо Малески, истакнат македонски писател. Еден од обвинетите е и поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, во чиј мандат се случи оштетувањето.

Станува збор за куќа што е заштитен објект поради што обвинетите се гонат за делото „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.

Куќата беше оштетена кога инвеститор градеше објект на соседната парцела при што го поткопа заедничкиот преграден ѕид.

Пред да почне со градба, тој го срушил објектот што бил на соседната парцела, залепен до куќата на Малески.

Токму инвеститорот е првообвинет. Од ОЈО Струга наведуваат дека тој имал задолжение од Управата за заштита на културното наследство да изготви проект со строго утврден начин на кој ќе го урива соседниот објект на куќата на Малески.

„Меѓутоа, иако бил задолжен, тој изготвил само основен проект без утврден начин за уривање на стариот објект, а по уривањето на истата парцела започнал изведба на нов објект со подрум, приземје и кат. Копајќи за подрумските простории на новиот објект, обвинетиот извршил широк ископ со багер, со што го поткопал заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти, што довело до дестабилизација и уривање и на куќата под заштита како културно наследство“, велат од струшкото Обвинителство.

На листата обвинети се и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам во Општина Струга бидејќи тие го изготвиле и одобриле одобрението за градење, без да биде приложен и идеен проект за уривање на претходниот објект на парцелата.

Мерко, пак, во случајот се гони бидејќи го одобрението со кое, наспроти Решението на Управата за заштита на културното наследство му дозволил на инвеститорот, покрај приземје и кат, да изгради и подрум на објектот.

„Обвинета за помагање на првообвинетиот е и архитектката – конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид кое изготвила мислење без забелешки по однос на усогласеноста на проектот со насоките од Управата за заштита на културното наследство и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението на Управата, се предвидувала изградба и на подрумски простории“, додаваат од ОЈО Струга.

Оштетувањето на куќата на Владо Малески се случи на крајот од мандатот на Мерко, односно на 15 октомври 2025.

Изборите се одржаа неколку деца подоцна, прв круг на 19 октомври, а Мерко воопшто и не беше кандидат.