Меси против Јамал, финале меѓу две генерации

Објавено:

Шпанија и Аргентина се среќаваат во неделното финале на Светското првенство во Њу Џерси, каде што влог се трофејот и место во фудбалската историја. Ова ќе биде само втор меѓусебен дуел на Шпанија и Аргентина на Светските првенства. Нивниот единствен претходен судир беше во групната фаза во 1966 година, кога Аргентина тесно ја победи Шпанија со 2-1.

Но, ова нема да биде само натпревар во финале на Светско првенство, ова ќе биде финале кое може да означи крај на една и почеток на друга ера.

Од едната страна е 39-годишниот Лионел Меси човекот кој речиси две децении го редефинираше фудбалот. Од другата е 19-годишниот Ламин Јамал, момчето кое веќе го нарекуваат новото лице на светскиот фудбал. Приказната започнува симболично, со неодамна објавено видео од пред речиси две децении. Станува збор за фотосесија за хуманитарен календар на Барселона, на која тогаш младиот Лионел Меси учествуваше во фотосесија на која капеше неколкумесечно бебе– Ламин Јамал.

Календарот бил направен по иницијатива на шпанскиот спортски весник Diario Sport и Фондацијата на ФК Барселона, во соработка со УНИЦЕФ. Станувало збор за годишен хуманитарен календар чија цел била да собира средства за програмите на УНИЦЕФ за заштита на децата.

Фотографијата тогаш беше само симпатичен момент, но денес има историска тежина. Детето што Меси го држеше во раце сега е негов противник во финалето на Светското првенство.

Каталонскиот фотограф Жоан Монфорт (Joan Monfort), кој ја направи фотографијата, неодамна изјави дека тогаш никој не можел да замисли дека бебето во кадата еден ден ќе стане ѕвезда на Барселона и репрезентацијата на Шпанија и ќе игра против Меси во финале на Светско првенство.

Една фотографија, две генерации и симболичен пренос на штафетата во светскиот фудбал. Ова не е само натпревар за титулата светски шампион. Ова е симболична смена на генерациите. Барем така дел од фудбалската јавност го доживува.

Последниот танц на најголемиот

Кога Меси дебитираше за Аргентина во 2005 година, Ламин Јамал сè уште не беше роден. Денес тие ќе излезат еден против друг во најголемиот натпревар што фудбалот може да го понуди.

Во меѓувреме, Меси освои речиси сè што можеше да се освои. Вкупно осум „Златни топки“, четири титули во Лигата на шампионите, Копа Америка, а во Катар во 2022 година конечно го освои и трофејот од Светското првенство, со што ја заокружи една од најголемите кариери во историјата на спортот.

Светското првенство во 2026 година најверојатно е неговата последна сцена на мундијалите. Дури и ако Аргентина вечерва не ја одбрани титулата, наследството на Меси одамна е обезбедено.

Генерацијата што нема страв

На спротивната страна е Ламин Јамал, фудбалер кој веќе ги руши рекордите што долго се сметаа за недостижни. Со неверојатна леснотија, самодоверба и зрелост што ретко се гледа кај толку млад играч, Јамал за кратко време стана клучен играч на Шпанија и еден од највозбудливите фудбалери на светот. Пред само неколку (на 13 јули ) го прослави својот 19 -ти роденден. Тој израсна во каталонскиот град Матаро и уште како дете влезе во академијата на Барселона – Ла Масија, местото од кое потекнуваат легенди како Лионел Меси, Чави и Иниеста.

Она што го издвојува е брзината со која се искачи до највисокото ниво. Во првиот тим на Барселона дебитираше во април 2023 година, на само 15 години, 9 месеци и 16 дена, станувајќи најмладиот фудбалер што настапил за клубот во Ла Лига.На Европското првенство 2024 година стана најмладиот фудбалер кој настапил на едно Европско првенство со само 16 години. Подоцна стана и најмлад стрелец во историјата на ЕП.

Јамал се претвора во еден вид симбол на новиот фудбал За споредба, додека Меси ја изгради кариерата преку години на доминација, Јамал пристигна на сцената уште како тинејџер кој веднаш доби клучна улога. Фудбалските критичари честопати го споредуваат стилот на играта на Јамал со оној на Меси. Ниско тежиште, промена на правец во полн трк, смиреност со топка и способност да создаде нешто од ништо.

Токму затоа дуелот меѓу нив не е само натпревар. Тој е момент кога светот гледа како една легенда се среќава со потенцијалниот наследник на фудбалскиот трон.