Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема амбиција да биде кандидат за претседател на државата, нагласувајќи дека неговата цел е како лидер на ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи партијата кон нова убедлива победа на следните парламентарни избори и да продолжи со реализација на владините политики.
„Кога ќе завршам со овој дел од мојот живот како претседател на Владата, ќе се вратам на факултет кај студентите, јас никогаш не кажав кога тоа ќе се случи, дали за година, пет, десет. Ќе треба овие кои што се уплашени од мене кои континуирано ги гледам, ми претскажуваат некаков крај, да се потрудат малку повеќе за тоа да трае малку пократко, а јас пак од друга страна ќе се потрудам малку повеќе за тоа трае подолго“, рече Мицкоски во телевизиско гостување.
Мицкоски нагласи дека негов фокус остануваат парламентарните избори и работата на Владата, истакнувајќи дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја предводи партијата кон нова изборна победа на парламентарни избори.
- Мицкоски ова го кажа во контекст на шпекулации од опозициски дека ВМРО-ДПМНЕ со измените во Изборниот законик бара дијаспората да гласа на следните претседателски избори по електроннски пат токму од оваа причина.
„Прво, немам намера да се кандидирам во 2029 година за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет. Второ, кога зборувам за прифаќање на нивните предлози, сè што ќе предложат, ќе им прифатиме, освен гласањето на дијаспората и, трето, мораме сите заеднички, бидејќи сите го правевме, да се потпишеме како поднесок на истиот тој закон“, изјави Мицкоски.
Гласањето на дијаспората е главниот спор меѓу партиите од власта и опозицијата поради кој не постигнаа договор измени во Изборниот законик, еден од најчувствителните закони во секој демократски систем и дел од реформската агенда.
- Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повика на компромисно решение, додека опозициските СДСМ, Левица и ЛДП најавија блокада со илјадници амандмани поради сомнеж за можни злоупотреби.


