Мицкоски се сомнева дека има и комерцијални цели зад хистеријата со водата во Скопје

Објавено:

Покрај обвинувањата дека опозицијата е вмешана во ширење хистерија околу (не)исправноста на водата за пиење во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе и со сомнежи дека зад ова има и комерцијални цели.

„Она што мене посебно ме загрижува е што мислам дека тука и други, би рекол повеќе комерцијални обиди бидејќи за еден ден наеднаш голем дел од маркетите ги испразнија своите количини на флаширана вода“, рече Мицкоски.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ги повтори обвинувањата кон опозицијата што се слушаа и изминатите денови во однос на ширењето на информациите дека во водата во Скопје има бактерија ешерихија коли.

Паниката се прошири на 12 август, а голем број граѓани купуваа флаширана вода од маркетите. Пораката за неисправноста на водата се ширеше по социјалните мрежи, групи со родители со деца од основните училишта и од градинките. Дел од родителите носеа и вода во градинките.

„Разбирам дека имаме работа со безидејна и очајна опозиција која се обидува да креира и конструира хистерија на начин на кој можеби и се претерува, но, во ред, тие ја одбрале таа тактика да соберат политички поени, но ние ќе се бориме со проекти, со работа и со посветеност зашто на таков начин не можете поинаку да им се спротивставите и да им парирате“, рече Мицкоски.

Тој нагласи и оти очекува со новите измени во Кривичниот законик да има санкции и за лица коишто, рече, свесно создаваат хистерија односно вршат своевиден хибриден напад, создаваат чувства на немир и страв кај граѓаните.

Додека власта ја обвинува опозицијата за ширење хистерија, од најголемата опозициска партија СДСМ досега неколкупати ја повикаа Владата да направи целосни анализи на водата во цела држава и јавно да ги објави резултатите откако, како што велат, секојдневно излегуваат информации за небезбедна вода во различни места во државата.