Момче од Македонија родено 1998 година, во Кушадаси се здобило со тешки повреди на вратни пршлени. Од Министерството за здравство(МЗ) информираат дека во соработка со Фондот за здравствено осигурување веднаш побарале од Службата за општи и заеднички работи да се обезбеди владин авион за негов транспорт.
„Транспортот е одобрен и повреденото момче утре ќе биде донесено во земјава со тим лекари од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), при што се обезбедени сите неопходни услови за безбеден медицински транспорт. По пристигнувањето во Скопје, пациентот ќе биде преземен од тимот за спинална хирургија на Клиниката, каде веднаш ќе биде хоспитализиран и ќе му биде обезбедено натамошно специјалистичко лекување, медицинска нега и соодветна рехабилитација, велат од МЗ.
Македонија нема специјализиран медицински авион за пациенти на кои им е неопходен таков вид превоз.
Последниот случај кога превоз од државата беше употребен за да пренесе пациент на лекување, беше младиот скопјанец Леонид Индов, кој исто така, поради повреда беше пренесен со специјално опремен полициски хеликоптер (медикоптер) на МВР од болница во Солун до Виена, а потоа со полициски хелихоптер беше вратен во Скопје.



