Државниот здравствен и социјален инспекторат (ДЗСИ) започна вонреден инспекциски надзор во трите болници каде што се лекувала 19-годишната родилка која по породувањето остана неподвижна. Инспекторите ќе ја проверуваат целата медицинска документација од Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија Скопје, со цел да утврдат дали имало пропусти во третманот.
Вонредниот надзор треба одговори како здрава и млада родилка по породувањето развила тешки компликации кои довеле до парализа на долните екстремитети и дали се почитувани сите медицински протоколи од моментот на нејзиниот прием во болница, преку транспортот, па сè до третманот на скопските клиники.
„Врз основа на целосно утврдената фактичка состојба, ќе следат заклучоците од стручниот надзор, и доколку е потребно, понатамошни дејствија“, информираат денеска од Министесртвото за здравство.
Јавноста дозна за случајот откао претходно семејството на родилката алармираше за нејзината здравствена состојба. Според нив, девојката отишла да се породи без претходни компликации, а по интервенцијата го изгубила чувството во нозете.
„Секој пациент има законско право на безбедна, квалитетна и правовремена здравствена заштита, како и право на целосна и разбирлива информација за сопствената здравствена состојба. Министерството ќе се погрижи овие права целосно да бидат почитувани — како во текот на инспекцискиот надзор, така и во натамошната комуникација со пациентката и нејзиното семејство.
Министерството за здравство уверува дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи“, велат од ресорното министерство.
Додаваат дека по завршувањето на надзорите и разгледувањето на сите наоди, Министерството навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за натамошните чекори.
Инаку според информациите што ги објави „Слободен печат“, пациентката Станка Михајлова, по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка. Нејзиниот случај и стана познат на јавноста откако свекорот на младата мајка, Велибран Стојанов, во живо на Фејсбук се вклучи пред болницата во Струмица за да бара помош од министерот. Според него, снаата ја донеле дома под мишка, затоа што не можела да оди и набрзо по отпуштањето од болница состојбата се влошила, при што морала да користи инвалидска количка.



