Наместо срамна здравица со вода, објавете го извештајот за Гостивар, бара СДСМ

Објавено:

Наместо срамна здравица пред камери, објавете го извештајот за водата во Гостивар, побара опозициската СДСМ откако Кризниот штаб вчера објави дека водата од гостиварскиот водовод е безбедна за пиење.

При објавувањето на информацијата, членовите на штабот, меѓу кои и функционери од власта, пиеја вода од чешма во Гостивар пред камери.

„Во Гостивар вчера видовме слика што ќе остане запаметена. Политичари и функционери држат здравица, пијат вода пред камери, велат ’на здравје‘ и дека е ’многу вкусна‘. А, цел месец граѓаните пиеја вода загадена со фекалии. Цел град беше отруен, 5.000 луѓе беа заболени. Прво најавуваа дека резултатите ќе бидат готови дури на 20 август. Сега, под притисок на јавноста, наеднаш велат дека водата е чиста – шест дена порано. Како до вчера, 20 август, а денес нагло сè е во ред?“, рече на прес-конференција Маја Борозан од СДСМ.

Таа вели дека оваа ситуација бара одговорност, а не циркус и затоа бара да бидат објавени документи што ќе покажат дека водата е безбедна.

„Пред прогласувањето на епидемијата исто така водата беше прогласена за исправна. А никогаш немаше ниту еден извештај, анализа, резултат. Граѓаните на Гостивар имаат право да знаат“, додаде Борозан.

Премиерот Мицкоски, пак, денеска и порача на опозицијата кога е во прашање одговорноста, да се обрати кај градоначалникот на Гостивар, кој е од коалицијата на ДУИ, а бил поддржан и од СДСМ.

„Бараат одговорност таму каде што таа одговорност ја нема. Напротив, ние во Владата дадовме сè што можевме состојбата да се нормализира како никогаш досега односно за помалку од четири недели комплетно е прочистен системот како никогаш досега“, рече Мицкоски.

Во јули беше прогласена епидемија во Гостивар поради неисправност на водата откако во неа влегувала отпадна вода и фекалии. Над 5.000 жители од Гостивар побараа лекарска помош поради стомачни тегови.

Надлежните отворија и истрага во која како осомничени се раководството на гостиварското претпријатие задолжено за градскиот водовод.