Нов смртен случај на западнонилска треска во Македонија, со што бројот на починати се искачи на петмина. Се работи за 73-годишен пациент од Општина Аеродром кој починал откако бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
„Пациентот имаше тешка клиничка слика и сериозни придружни заболувања, кои придонеле за неповолен исход“, информираше попладнево директорот на оваа Клиника, д-р Фадил Цана.
„Пациентот уште од почетокот на приемот беше во изразено тешка состојба и беше сместен на Одделот за интензивно лекување, беше на респираторна поддршка“, додаде д-р Цана.
Заклучно до денешниот ден на Инфективната клиника се хоспитализирани 21 пациент. Вирусот веќе е потврден кај 18 од нив, а тројца се суспектни.
„Од останатите, во тешка општа состојба се уште четири пациенти кои се лекуваат на Одделот за интензивно лекување додека другите на Одделот за невроинфекција“, истакна д-р Цана.
Тој рече и дека сите пациенти кои се со тешка клиничка слика се во напредната возраст.
Меѓу хоспитализираните во моментот е и лице на 25-годишна возраст. Во меѓувреме, излекувани и отпишани се 19 пациенти.
Возраста – клучен ризик фактор
Оние кои се хоспитализираат, според д-р Цана, се со невроинвазивна форма на болеста, додека другите имаат лесна клиничка слика, или пак, како што рече, се асимптоматски. Пациентите примени на Клиниката за инфективни болести сочинуваат еден процент од вкупно инфицираните.
Директорот на Клиниката вели дека кај нив, напреднатата возраст е клучен ризик фактор и е потврдена е невроинвазивна форма на болеста.
„Секаде каде имаме засегање на нервниот систем се работи за невроинвазивна форма. Кај сите овие пациенти кои се хоспитализираат кај нас имаме потврдено акутно воспаление на мозок и мозочни обвивки. Нормално е, помладите пациенти полесно да ја поминуваат болеста“, објасни д-р Цана на денешната прес конференција.
Според податоците кои здравствените власти ги објавија во текот на вчерашниот ден, во земјава се регистрирани вкупно 43 случаи на западнонилска треска, а лоцирана е и прва мртва птица заболена со овој вирус.
Во делови од Скопје веќе е прогласена и епидемија, а за тоа дали ќе се прошири опфатот на општини од скопскиот регион, ресорниот министер Сашо Клековски вчера изјави дека за тоа ќе одлучи Центарот за јавно здравје – Скопје, но без разлика на тоа, тие во секој случај ќе ги преземаат потребните мерки.
Министерот информираше и дека со градоначалниците прават „надоградба“ на досегашните активности за да ги лоцираат ризичните и високоризичните зони за вирусот односно места кои се „погодни живеалишта за комарците“ кои се извор на западнонилската треска. Сепак, предупреди и тој, „комарците не познаваат општински граници“ и затоа мора да се биде внимателен. Нивниот радиус на движење е од еден до два километри.
На пример, рече Клековски, во Чучер Сандево нема високоризично подрачје, но има на границата на оваа општина со Бутел.
„Критериуми за ризичност се застоеност на водата и високо ниво на органска материја. Значи, река која е проточна и има риби во нејзе не е ризик. Кога е проточна ризикот е помал, а ако има жив свет значи нема многу органски и распадни материи, а рибите се хранат со ларви. Во основа, за ризично подрачје водата треба да е застоена и да има отпад“, наведе Клековски.
Епидемија со западнонилска треска во земјава беше прогласена на 12 август во неколку скопски општини и населби: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, и Јурумлери.


